Речиси 1,5 милиони луѓе во Италија развиле антитела на Ковид-19. Ова го покажуваат резултатите од серолошките тестови спроведени и анализирани од италијанското Министерство за здравство и Националниот институт за статистика.
Но, тоа се само 2,5 проценти од населението, така што идејата за најмалку 70 до 80 проценти од луѓето да имаат развиено антитела на вируот, засега се покажува како невозможна.
Новото истражување покажа дека шест пати повеќе луѓе имале контакт со вирусот, во споредба со досега потврдените случаи.
Во истражувањето е наведено дека 1.482.660 луѓе биле во контакт со вирусот, од кои 51 процент во Ломбардија, каде живее една шестина од населението во Италија.
Околу 27,3 проценти се асимптоматски случаи, 23,4 проценти од заразените имаат еден или два симптоми кои се индикатори за заразеност од вирусот, а кај 41,5 проценти, заразените почувствувале три или повеќе симптоми или, пак, го изгубиле чувството за мирис и вкус.
Во анализата биле опфатени 64.660 серолошки тестови, а целта на 150.000 тестови не е постигната, но италијанското Министерство за здравство и Националниот институт за статистика наведуваат дека анализата е сепак валидна.