Компанијата „Новавакс” соопшти дека нејзината експериментална вакцина против Ковид-19 произвела антитела против новиот коронавирус и се чини дека е безбедна, според првичните податоци од малото клиничко истражување во раната фаза.
Компанијата за биотехнологија со седиште во Мериленд соопшти дека нејзиниот кандидат за вакцинирање, НВКС-Ков 2373, произвел повисоко ниво на антитела кај здрави доброволци по две дози од оние што се пронајдени кај пациенти кои го прележале Ковид-19.
Додавањето на супстанцата наменета за зајакнување на имунолошкиот одговор на организмот го зголеми ефектот на вакцината, велат од компанијата.
Директорот за истражување, Грегори Глен изјави дека компанијата наскоро ќе започне многу поголеми клинички истражувања во доцна фаза и потенцијално може да собере доволно податоци за да добие одобрение за регулација во декември.