Денес напладне голем пожар избувна на депонијата кај селото Добрашинци во која се одлага отпадот од општините Струмица и Василево.
Избувнувањето на пожарот го потврди командирот на Територијалната против пожарна едница на Струмица, Александар Гудев.
-Добивме известување за пожар на депонијата кај селото Добрашинци и наши екипи се упатуваат таму. Според првичните информации пожарот зафатил поголема површина, а силниот ветар го проширува кон акумулацијата „Турија”, рече Гудев.
На терен се веќе екипи на ЈПКД „Комуналец” од Струмица, кои почнаа со гаснење на пожарот.
Депонија кај селото Добрашинци гореше и на 18 и 19 јуни годинава. Тогаш пожарот беше предизвикан од несовесни граѓани кои се движеле таму.