Либанската влада денеска донесе одлука да ги стави во домашен притвор сите пристанишни службеници во Бејрут, кои го надгледувале складирањето и безбедносните мерки од 2014 година, пренесе Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори од министерство.
Не е познато колку службеници ќе бидат ставени во домашен притвор, ниту кои се нивните функции.
Според наводите на изворите, војската ќе го надгледува домашниот притвор додека не се утврди одговорноста за огромната експлозија во пристаништето, која се случи вчера.
Претходно денеска генералниот менаџер на пристаништето во Бејрут, Хасан Корајтем, изјавил дека во тој објект, пред шест години, на основа на судски налог, бил ставен во магацин високоексплозивен материјал, кој се смета за причина на силната експлозија, во која животот го загубија над 100 луѓе.
Корајтем рекол дека царинското одделение и државната безбедност барале од власта материјалот да биде извезен или отстранет, но, како што е наведено, ништо не се случило.
Премиерот и претседателството на Либан соопштија дека 2.750 тони амониум нитрат, кој се користи за бомби и ѓубриво, шест години било складирано во пристаништето, без почитување на мерките за безбедност.