Во моментот кога ширум светот се зголемува бројот на заразени од коронавирус, Италија и Шведска, две земји кои беа најтешко погодени на врвот на епидемијата успешно го држат под контрола натамошното ширење на вирусот.
Се поставува прашањето што Италија и Шведска направија поинаку за да се изборат со пандемијата?
Италија беше првата европска земја во која бројот на заразени нагло почна да расте и прва која воведе драконски мерки на изолација. Шведска избра полиберален пристап, па така децата продолжија да одат на училиште, а мерките за заштита главно се засноваа на социјално дистанцирање и самоизолација, а не на наметнат карантин.
Иако „заклучувањето“ на населението во Италија придонесе за спасување на животите, мерката стигна предоцна. Наспроти тоа, во Шведска никогаш не е воведена. Со 35.154 починати, бројот на жртвите по жител во Италија изнесува околу 600 на милиони луѓе, исто како и во Шведска, каде починаа 5.743 лица.
Во актуелната фаза после пикот, двете земји си го најдоа својот модус, пишува Блумберг.
Во Италија мерките за социјално дистанцирање значат луѓето да држат растојание од еден метар и да носат маски во јавност, во затворен простор и во јавниот превоз, при што мерките строго и прецизно се спроведуваат.Ако влезете во воз или деловна зграда ќе ви измерат температура, а пред излегување на вечера ќе мора во ресторанот да оставите податоци за во случај на инфекција да се овозможи следење на ланецот на заразата. Пред одење на популарните туристички дестинации, како Сардинија, Сицилија и Апуља, туристит емора да пополнат формулар, а во Ломбардија, некогашниот епицентар на пандемијата, маските се носат и надвор. Кршењето на карантинот се сметаше за кривично дело за кое следуваше парична или затворска казна.
Во Шведска луѓето не се должни да носат маски, социјалното дистанцирање се препорачува, но не е задолжително, но на луѓето им се препорачува да останат дома ако не се чувствуваат добро.
Притоа е важно да не се изгуби од предвид дека Шведска не успеа едноставно само затоа што го пушти „вирусот да дивее“ – имунитетот и натаму им е низок, покажуваат тестовите на антитела. Факт е дека го сменија однесувањето: во многу области на улиците има помалку луѓе, функционерите редовно ги предупредуваат луѓето дека непочитувањето на социјалното дистанцирање ќе повлече по себе воведување на построги мерки. Некои мерки се заострени поради недисциплина – од забрана на посети во домовите за стари лица до затворање на ресторани во Стокхолм.
Секако, овој модел не може секаде да се примени, зошто Шведска е земја на млади и ретко населена, а значителен дел од луѓето живеат сами во домаќинството. Сепак, тајната е можеби во нешто друго, а тоа е доследноста.
Ако е целта да се живее со вирусот додека не се најде лек или вакцина пристапот „тргни-застани“ кога се во прашање правилата (на пример, треба ли да се носат маски и кога) може да биде контрапродуктивен и да го отежни нивното спроведување, смета Џулијано ди Балдасаре, професор по кризен менаџмент на Универзитетот во Упсала.
Додека Италија е пример кој покажува дека будноста и интервенцијата се исплатливи, Шведска не потстува дека борбата со пандемиајта од коронавирус е маратон, а не спринт.