Тодорка и Сашо Давитковски, кои заедно поседуваа вкупно 22 отсто од акционерскиот капитал на Скопски пазар веќе не се акционери во Друштвото. Тие на берза пред два дена ги продадоа акциите, Оваа информација Скопски пазар ја сподели на сајтот на Македонска берза.
Во соопштението се наведува дека во блок трансакција се истргувани вкупно 17.532 обични акции издадени од Скопски пазар АД Скопје, по цена од 6.169 денари по акција, во вкупна вредност од 108.165.602 денари (1,75 милиони евра).
„Досегашниот акционер Тодорка Давитковска изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во Скопски пазар, односно 8.055 обични акции, што претставува 11,36 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар и повеќе не е акционер во друштвото. Досегашниот акционер Сашо Давитковски изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во Скопски пазар, односно 7.546 обични акции, што претставува 10,64 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар и повеќе не е акционер во Скопски пазар“, стои во соопштението.
Во соопштението се додава и дека ЛИКО-ПРОЕКТ ДООЕЛ стана акционер со над 5 отсто во акционерската структура на Скопски пазар со вкупно 17.532 обични акции или 24,71 отсто од бројот на обични акции со право на глас, односно 20,49 отсто од вкупниот број на издадени акции од Друштвото.