Поранешниот шпански крал Хуан Карлос (82) престојува во ексклузивниот хотел „Емират палас“ во Абу Даби, каде што се наоѓа од понеделникот, кога ја напушти Шпанија.
Ова го објави шпански „Еј-би-си“, а официјалните претставници на Обединетите Арапски Емирати и хотелскиот менаџмент не беа достапни за коментар, пренесува „Ројтерс“.
Порталот „Еј-би-си“ наведува дека поранешниот крал пристигнал во Абу Даби со приватен авион со четворица телохранители и уште едно лице преку Париз во понеделникот наутро, од каде со хеликоптер бил префрлен во државниот хотел „Емират палас“.
Портпаролот на шпанската кралска палата рече дека не знае каде е поранешниот шпански крал во моментот, а неговиот адвокат не е достапен за коментар.
Некои шпански медиуми објавија дека поранешниот крал заминал во Доминиканската Република, додека други изјавиле дека тој бил во Португалија, каде што го поминал најголемиот дел од младоста.
Шпанскиот Врховен суд започна истрага за вмешаност на Хуан Карлос во малверзации со договорот за брза железничка пруга со Саудиска Арабија, а швајцарски „Трибјун“ објави дека Хуан Карлос добил 100 милиони долари од починатиот саудиски крал.