Бројот на нови случаи на коронавирус во Италија денеска се зголеми за 38 проценти, откако заразата е потврдена кај 552 лица. Ваков голем дневен скок во нови случаи во Италија не се случил од крајот на мај.
Една третина од новите случаи се пријавени во регионот Венето, каде биле тестирани 16.500 лица.
Гувернерот на овој регион во североисточна Италија, Лука Заја, рече дека новозаразените се луѓе кои неодамна се вратиле од одмор од Шпанија, Перу, Малта, Хрватска и Грција.
– Патувањата се ризик. Секој треба да одлучи каде сака да оди на годишен одмор, но вистината е дека сега гледаме поголем број пациенти кои се заразени на одмор, рече тој.
Северна Италија беше епицентарот на заразата во февруари и таму беа регистрирани повеќето заразени и смртни случаи.
Денеска починале уште три лица, така што вкупниот број на жртви од Ковид-19 во Италија достигна 35.190.