Во врска со синоќешната објава на министерството за внатрешни работи во која се сооштува дека од страна на Оделот за натрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство за гонење организиран и сериозен криминал и корупција поднесени се кривични пријави против 6 (шест) полициски службеници по член 143 од кривичниот законик, односно малтретирање во вршење на служба во врска со кривично правен настан кој се случил на 18.05.2020 година упатуваме жестока реакција на начинот на соопштување на содржината која има за цел полициските службеници максимално да се дискредитираат и истите да се претстават како криминалци.
Имено, сакаме да потенцираме дека се работи за кривичноправен настан кој се случил на 18.05.2020 година околу 21:30 часот, на влезот од село Кондово каде бил поставен полициски пункт со двајца полициски службеници поради спроведување на полицискиот час. Во момент кога едниот полициски службеник бил надвор од службеното возило, од зад грб му приоѓа машко лице вооружано со пиштол кое со полуга го фаќа околу вратот и вперувајќи му го пиштолот во слепочницата бара од нив да му го предадат службеното оружје со цел да го одземе. Во тој момент вториот полициски службеник свесен за ситуацијата го вперува неговиот службен пиштол во сторителот и пука еден проектил во воздух за предупредување, во моментот на паника од истрелот го совладуваат сторителот кој пружа активен отпор при што на местото излегуваат и колеги од ЕИП и лицето го лишуваат од слобода и го задржуваат во ПС ОН Ѓорче Петров, каде иако има можност за потешка квалификација настанот се заведува како напад на полициски службеник.
Извесен период по критичниот настан иако сторителот лично не вложува преставка до Оделот за внатрешна контрола се отвара истрага во која од камерите на министерството поставени на влезот во С. Кондово се констатира дека полициските службеници наводно употребиле прекумерна физичка сила кон сторителот и се поднесени 6 (шест) кривични пријави против истите.
Како Независен Синдикат на Полицијата не ја оправдуваме прекумерната употреба на физичка сила од страна на полициските службеници, но најостро ги осудуваме вестите во јавноста кои имаат за цел да ги дискредитираат и обесхрабрат полициските службеници во нивното постапување. Доколку овој настан би се случил во некоја поразвиена држава веројатно полициските службеници би биле одликувани со орден за храброст што иако биле исполнети условите да го лишат од живот сторителот без жртви и повреди го лишиле од слобода лицето, но кај нас истите добиваат кривични пријави. Поради ваквиот начин на постапување во последните неколку години се појавува тенденција на зголемување на бројот на напади на УПС, а сторителите најчесто поминуваат со условни осуди и ги повторуваат делата. Полициските службеници учејќи од туѓите грешки меѓусебно се советуваат на непостапување затоа што во конкретниот случај доколку истите едноставно го предале оружјето на сторителот ќе поминеле без никакви санкции. Полициските службеници се живи луѓе со емоции, страв, стрес и фамилија. Работејќи за потпросечна плата истите се принудени да се справуваат со секаков ризик и со оружје вперено кон нив повторно да останат на висина на задачата, во спротивно веднаш ќе бидат квалификувани како криминалци…