Продолжуваат активностите за реконструкција на улиците во Општина Центар. Во моментов, се реконструира улицата „Периша Савелиќ“ во населбата Водно.
На површина од 3233 метри квадратни, се поставува нова асфалтна подлога, се реконструира коловозот и се изведуваат нови тротоари и рабници, а целиот зафат се очекува да биде завршен за 14 дена.
Со реконструкцијата на улицата значително ќе се подобрат условите за одвивање на автомобилскиот сообраќај во овој дел од општината, но и ќе се олесни движењето на пешаците, велосипедистите и корисниците на останатите видови на алтернативен сообраќај.
Во населбата Водно, досега се реконструирани повеќе улици, меѓу кои „Загрепска“, „Караорман“, „Бигла“, „Димитар Пандилов“, потоа улиците „Капештец“, „Ганчо Хаџипанзов“, „Питу Гули“ и други, а наредна за реконструкција е улицата „Тодор Александров“.