Месец јули го одбележа повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во контекст на одржување на предвремените парламентарни избори и големиот број случаи со КОВИД-19 во текот на целиот месец. Исто така, во текот на месецот се забележа енормно зголемување на новозаболени граѓани со КОВИД-19 што предизвика негативен дискурс кој воедно доби и етнички карактер како резултат на бројот на заболени по општини.
Ова се наведува во Извештајот на Хелсиншкиот комитет за месец јули по спроведениот мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, во кој особено се дава осврт на спроведувањето на мерките и на нивното директно влијание врз граѓаните.
– Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена, се наведува во Извештајот.
На политички план, се посочува, доминираше дискусијата околу одржувањето на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година Овие избори се одржаа за време на светска пандемија и под мерки на заштита на граѓаните. Политичките партии направија напредок со презентирање на нивните политички платформи преку социјалните медиуми, но сепак не изостанаа и традиционалните митинзи. Покрај препораките за заштита, преку нашиот мониторинг на социјалните медиуми беше забележано непочитување на мерките од страна на дел од присутните, како и непреземање на соодветни мерки од страна на надлежните институции, оценуваат од Хелсиншки комитет.
Воедно, укажуваат и на прелиминарните наоди на ОБСЕ/ОДИХР преку нивната набљудувачка мисија кои нотираа дека „предвремените парламентарни избори на 15 јули генерално беа спроведени ефективно и покрај приспособувањата како одговор на пандемијата со КОВИД-19, но правната стабилност беше нарушена со суштински ревизии на Изборниот законик и последователна ад хок регулатива донесена за време на вонредната состојба”.
– Кампањата, иако со негативен тон, беше вистински конкуретна и учесниците беа во можност да ги пренесат своите пораки и покрај ограничувањата на вообичаената комуникација. На медиумското известување за изборите му недостасуваше критички осврт на платформите, а одредбите во врска со платеното политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми партии. Денот на изборите се одвиваше непречено и покрај техничките предизвици во објавувањето на резултатите и забелешките во врска со регистрацијата на гласачи, стоеше во прелиминарната оценка.
Од Хелсиншки комитет во Извештајот наведуваат и дека во сенка на изборите беше утврдувањето на Преговарачката рамка помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија која беше презентирана за време на германското претседавање со Унијата на 1 јули 2020 година.
– Преговарачката рамка е резултат на новата методологија за пристапни преговори која беше усвоена во март, 2020 година. Во поглед на содржината, особено внимание ќе биде посветено на политичката посветеност на процесот, особено во спроведувањето на првиот кластер поглавја кои се однесуваат на демократијата и на владеењето на правото, особено усогласувањето со политиките од Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, се наведува во Извештајот.
Во документот се содржани и теми во врска со работничките права, дискриминацијата, за текстилните работнички, за родовата еднаквост и говорот на омраза.