ЦИВИЛ остро го осудува говорот на омраза на Апасиев 

ЦИВИЛ најостро ја осудува вчерашната објава на Димитар Апасиев упатена до Радмила Шекеринска.

Според ЦИВИЛ, оваа објава со експлицитен говор на омраза и вулгарности на социјалните мрежи на сметка на Шекеринска, е само уште една од бескрајната низа лаги, клевети, вулгарности, закани и говор на омраза упатени кон поединци и групи од различни заедници, организации и институции.

-Крајно непримерното однесување на Апасиев и сличните на него е насочено кон активисти, новинари, експерти, политичари и други, а со својот потпалувачки говор поттикнуваат ширење на омраза по повеќе основи, што е спротивно на Кривичниот законик. Несфатливи се молкот на институциите и рамнодушноста на медиумите и јавноста. Апасиев и тие како него, со години уживаат во неказнивоста, но тоа мора да престане веднаш. Апасиев не престанува со ширење говор на омраза, фашистички пораки, вулгарности и крајната злоупотреба на слободата на изразување. Со своето однесување, веќе предизвикува сериозни сомнежи дека е непресметлив и не може да се контролира. Можеби е време да се испита неговата деловна способност, особено затоа што тој воедно е дел од наставниот кадар на штипскиот универзитет. Доста е! Однесувањето на Апасиев и таквите како него е неприфатливо и заслужува секаква осуда и санкции, смета ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ континуирано опоменува дека говорот на омраза омразата поттикнува и дела од омраза, и во изминатиот период уште поактивно го следи девијантното однесување на одредени поединци и групи во политиката чие деструктивно дејствување е во подем. Во овој случај, се работи и за еден од пратениците во Законодавниот дом.

-Креаторите на содржини и пораки, поттикнувачите, дистрибутерите и поддржувачите на говорот на омразата ги поминаа сите граници! Оваа состојба во јавноста веќе не може да се толерира и да поминува неказнето. ЦИВИЛ бара од сите релевантни институции како што е МВР и Јавното обвинителство итно да постапат соодветно на законските обврски за да ја спречат и санкционираат оваа појава која сѐ повеќе зема замав. Наставниот совет при ГДУ Штип и Министерството за образование, исто така, се повикани да постапат соодветно на своите ингеренции. ЦИВИЛ ја повикува јавноста, сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, да го отфрлат и осудат говорот на омразата и повиците за насилство во медиумите, социјалните мрежи и во јавните настапи, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави