Педесет и едногодишниот жител на Мериленд, кој во понеделникот вечерта беше застрелан од Тајната служба во близина на Белата куќа, е обвинет за напад врз полицаец, пренесува „Њујорк пост“.
Мајрон Беримен го принуди американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине прес-конференција, кога нападна агент на Тајната служба пред Белата куќа, тврдејќи дека има оружје, се вели во соопштението на Тајната служба.
Беримен е хоспитализиран со критични повреди, откако беше застрелан еднаш во торзото кога клекнал во позиција на стрелец како да се подготвува да извади оружје, објаснува федералната агенција.
„Осомничениот му пријде на агентот и му рече дека има оружје. Осомничениот потоа се сврте, истрча агресивно кон полицискиот службеник и извлече предмет од под облеката“, се вели во полицискиот извештај.
Но, на местото на настанот не е откриено оружје.
Полицијата се обидува да процени дали Беримен има историја на ментално заболување, бидејќи се обидуваат да го откријат мотивот за нападот. Беримен пред пукањето извикувал дека ќе убие луѓе.
За време на пукањето, агентите на Тајната служба го повлекоа Трамп од салата за брифинг кадешто новинарите кусо време беа затворени додека повеќе агенти го опколија Западното крило. Трамп наскоро се врати на брифингот, потврдувајќи дека, за жал, имало пукање и ги пофали своите агенти.