ЈП Комунална хигиена-Скопје денеска потпиша Меморандум за соработка со Центарот за еколошка демократија „Флоразон”, за заедничко спроведување на проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија”, поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ.
Целта на Проектот е преку соодветно одлагање на отпадот од заштитна опрема – маски и ракавици, да се придонесе во борбата против ширењето на вирусот Ковид-19, како и ублажувањето на последиците од пандемијата врз граѓаните. Во рамките на Проектот, на триесетина локации пред поголемите маркети во градот Скопје ќе бидат поставени специјални садови за одлагање отпад од заштитна опрема, којшто ќе биде транспортиран од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Во текот на целиот изминат период од прогласувањето на светската пандемија на вирусот Ковид-19, ЈП Комунална хигиена-Скопје секојдневно спроведуваше низа вонредни активности, со цел на највисокото можно ниво да ја одржи хигиената и чистотата на јавните и на сообраќајните површини во нашиот град.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Центарот за еколошка демократија „Флоразон”, преку транспортот на отпадот од заштитни маски и ракавици што граѓаните ќе го одлагаат во овие специјално поставени садови, Претпријатието ќе продолжи да придонесува во борбата против ширењето на вирусот Ковид-19 и заштитата на здравјето на граѓаните.
ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира до жителите на градот Скопје употребената заштитна опрема да не ја исфрлаат на јавни површини, односно истата уредно спакувана да ја одлагаат исклучиво во посебните садови или директно во контејнерите и на тој начин да го заштитат здравјето на вработените во Претпријатието, коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран и опасен отпад.