,,Проект на иднината” за заштита на животната средина во Христијан Тодоровски-Карпош

Училиштето „Христијан Тодоровски-Карпош“ аплицираше до Министерството за животна средина и просторно планирање со сопствен проект „Училиштето е место за поттик на младите за позитивни промени и унапредување на животната средина“. Проектот опфаќа целосна обнова на школскиот двор  на површина од преку 1.000 метри квадратни, во чии рамки ќе „никне“ и стаклена градина, а целата површина ќе биде хортикултурно облагородена со соодветни содржини за поголема функционалност на овој простор.

 

Станува збор за образовна, истражувачка, развојна студиска програма и изготвен проект, кој треба ја разбуди свеста  на учениците за важноста на заштитата и унапредувањето на животната средина, уште од најрана возраст. Според потпишаниот договор со надлежното министерство, сите активности поврзани со овој проект треба да се реализираат до идната пролет.  Поточно, се очекува во март догодина основците да добијат одлично осмислен надворешен простор, во чии рамки ќе можат креативно да се изразуваат.

 

  • Проектот е инициран, но и изработен од родители на учениците во нашето училиште. Имавме и презентација на проектот пред градоначалникот Стефан Богоев, кој исто така ни даде огромна поддршка. МЖСПП ќе ни додели 200.000 денари за реализација на овој иновативен проект, но финансиска поддршка ќе добиеме и од општина Карпош, вели директорката на „Христијан Тодоровски-Карпош“, м-р Мирјана Алексова.

Освен овој „проект на иднината“, пред започнувањето  на новата учебна година, во ова училиште се одвиваат тековни молеро-фарбарски работи, при што беа бојадисани кабинетот за техничко образование,  ликовна култура и центарот за космологија. Исто така, ќе биде саниран и дел од покривот на училиштето, а ќе се изврши целосна санација на подот на една училница.

Треба да знаете
Последни објави