Владата на Косово на денешната попладневна седница одлучи „да ги отвори државните граници на Република Косово” со Северна Македонија, Албанија и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според дел од приштинските медиуми, ваквата одлука на Владата значи дека граѓаните на трите соседни држави нема да имаат потреба да приложуваат тест со кој ќе докажат дека не се заболени од Ковид-19.
Меѓутоа, во официјалното соопштение од седницата на Кабинетот на премиерот Авдулах Хоти, одржана со видео-конференциска врска, на ниедно место не се споменуваат тестовите или други процедури кои граѓаните од тие држави треба да ги спроведат за влез во државата.
– Донесена е и одлука за отворање на државните граници на Република Косово со Република Албанија, Република Северна Македонија и Република Србија, се вели во соопштението по седницата на косовската Влада.