Мајкл Коен, поранешен личен адвокат на претседателот Доналд Трамп, најави книга за неговите врски со Трамп како ригиден бизнисмен во градежништвото, за неговите брачните неверства и обидите на претседателот да „се проникне во светот на Владимир Путин”.
-Знам каде се закопани скелетите, затоа што јас сум тој што ги закопуваше, наведе синоќа Коен по повод неговата книга: „Нелојален: Мемоари. Вистинската приказна на поранешниот личен адвокат на претседателот Доналд Трамп”.
Во книгата тој истакнува дека го знаел својот клиент многу подобро и од неговите роднини.
– Сведочев каков човек е навистина, во стриптиз клубовите, за време на сомнителни бизнис средби, и во моменти на искреност, кога тој се откриваше каков е навистина: Лажго, измамник, насилник, расист, предатор, злоупотребувач на доверба, истакнува Коен за Трамп.
Белата куќа книгата на Коен ја оцени како „фикција за забава”.
– Книгата на Мајкл Коен е фикција за забава. Тој открива дека рутински лаже, но очекува луѓето да му веруваат за да може да заработи од продажба на книги. За жал, медиумите го користат овој тажен и очаен човек за напад врз претседателот Доналд Трамп, соопшти Белата куќа.
Во декември 2018 година, Коен беше осуден на три години затвор поради избегнување на плаќање данок и нарушени закони за финансирање изборна кампања.
Од мај годинава Коен затворската казна ја отслужува во домашни услови поради пандемијата. Минатиот месец бил забележан во ресторан во Менхетн и поради нарушувања на затворските услови беше вратен повторно зад решетки. Тој ја обжали одлуката и на 23 јули, повторно е вратен дома.
Коен е осуден откако се изјасни за виновен за обвиненија за финансирање на кампањата и лажење пред Конгресот.