Во интерес на зголемување на транспарентноста и достапноста на јавни податоци, Општина Карпош, на својата веб страница повторно го воведе системот на ГИС (географски информационен систем).
-Оваа услуга не беше достапна повеќе години наназад, па затоа отсега граѓаните ќе можат брзо и ефикасно да пристапат до бараните информации. Имено, со само неколку клика на официјалната веб страница на Општината, корисниците ќе имаат увид во фактичката состојба со ДУП-овите и градежните парцели како и фактичката состојба, т.е катастарската ситуација и детален преглед со сателитска снимка од Карпош. Практично, на овој начин заинтересираните странки ќе можат да дојдат до бараната информација по електронски пат, без притоа физички да ги посетат просториите на општинската администрација, наведуваат од Општината.
Таканаречената „паметна електронска карта” ја изработи реномираната софтверска фирма GDI (со претставништво во Скопје). Платформата нуди просторни податоци кои се распоредуваат во неколку тематски нивоа во т.н слоеви во форма на дигитални карти. Подетално разгледано, тоа претставува низа од планови нацртани на проѕирна хартија – транспарент, која содржи одреден вид информација (на пример: патна мрежа, сателитска снимка, просторен план, детални урбанистички планови, катастарска подлога, итн.).
Секоја од просторните податоци на платформата е придружена со координати. Со помош на системот на овој начин, граѓаните имаат моментален увид на предвидената состојба (преклопувајќи ги детално, урбанистичките планови). Технологијата на Географскиот информационен систем може да се користи за научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС – порталот на Општина Карпош може да се посети преку директниот линк.