Британското издание на „Јаху фајненс“ пишува дека Македонија е најприфатливата опција за Британците што сакаат да се преселат во друга европска земја, повикувајќи се на анализата на „Оушн фајненс“, пренесе „Експрес.мк“.
Врз основа на 11 „типични трошоци“, анализата на „Оушн фајненс“ покажа дека Република Северна Македонија е најприфатлива земја на целиот континент, со просечни животни трошоци од само 8.484 фунти годишно.
Анализираните трошоци вклучуваат станарина, комунални услуги, Интернет, намирници, транспорт, членство во теретана, шолја кафе, деловен ручек, кригла пиво, оброк во паб и вечерно излегување.
Британците, чии животни трошоци достигнуваат огромни 30.276 фунти годишно, би можеле да заштедат неверојатни 21.792 фунти годишно со преселување во земјата во југоисточна Европа – што значи повеќе пари за патувања, за разгледувања и за рекреативни активности.
Кригла пиво во земјата на Балканскиот Полуостров чини само 1,49 фунти, додека деловниот ручек доаѓа околу 5,85 фунти, а изнајмувањето на една година на стандарден стан со две спални соби чини 2.496 фунти, се вели во истражувањето.