Продолжуваат интензивните консултации и работата на ниво на генерални секретари викендот за коалициски договор меѓу СДСМ и Коалицијата „Можеме” и ДУИ, информираат социјалдемократите.
Тие велат дека по утврдувањето на коалициски принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада.
-Денеска започнува процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на предлози за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат, велат од СДСМ.
Оттаму потенцираат дека единствени точни информации се оние добиени од официјалните лица на партиите вклучени во преговорите.