Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 21.453,097 лица. Од нив починале 765,239, а оздравеле 14.224,512 луѓе.
– Во последните 24 часа во Хрватска беа потврдени 162 нови случаи на коронавирус, а две лица починаа, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита. Активни се 1.062 случаи, пренесува Хина. Меѓу пациентите, има 106 пациенти на болничко лекување, од кои 10 се на респиратор.
– Во Грција веќе четврти ден регистрирани се над 200 нови случаи Ковид-19, односно 230 во изминатите 24 часа, а починаа три лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 6.858 лица, а починаа вкупно 226.
– Земја со најголем број смртни случаи во однос на нејзиното население е Белгија со 86 жртви на 100.000 жители, а потоа следат Перу (78), Шпанија 61, Велика Британија 61 и Италија 58
Од почетокот на епидемијата, во Хрватска се регистрирани 6.420 случаи на коронавирус, а починале 165 лица. До денеска, тестирани се вкупно 136.280 лица, од кои 1.538 во последните 24 часа.
– Во Австрија денеска е забележан нов рекорден број на новозаразени лица, откако, прв пат од почетокот на април, за еден ден се регистрирани повеќе од 300 нови случаи на коронавирус. Вкупно, заклучно со вчерашниот ден, во последните 24 часа, според податоците од 10 часот, бројот на новозаразените, според податоците на Министерството за внатрешни работи, достигна 303. Тоа е најголем дневен раст од почетокот на април и го надмина неодамнешниот рекорд од петок, кога беа забележани 282 новозаразени лица.
Според Министерството за внатрешни работи, има 131 случај во Виена, 51 во Горна Австрија, додека 37 случаи се регистрирани во Тирол и 33 во Каринтија. Министерството соопшти дека во моментов 104 пациенти се хоспитализирани, а 21 се на интензивна нега.
– Министерството за здравство на Кипар соопшти 14 нови случаи на Ковид-19 од 3.813 направени тестови, со што бројот на заболени се зголеми на 1.332 лица.
– Во последните 24 часа се потврдени 238 нови случаи на коронавирус во Србија, а пет лица починаа. Според Министерството за здравство, во изминатиот ден биле тестирани 8.529 примероци.
– Во Црна Гора, потврдени се 30 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, а две лица починале, соопшти Институтот за јавно здравје. Во последното деноноќие тестирани се 222 примероци. Вкупниот број на активни случаи на Ковид-19 во Црна Гора моментно е 1.055. Вкупниот број на смртни случаи поврзани со Ковид-19 од почетокот на јуни е 66, а од почетокот на епидемијата 75.
– Речиси половина од Бразилците веруваат дека претседателот Жаир Болсонаро не сноси никаква одговорност за повеќе од 100.000 смртни случаи од пандемијата на коронавирусот, покажа новата анкета на Датафола. Бразил е на второ место по бројот на смртни случаи од Ковид-19 во светот. Според анкетата објавена денеска во дневниот весник „Фолха де Сао Паоло”, 47 проценти од Бразилците не сметаат дека тој е виновен за бројот на починати, додека 11 проценти сметаат дека е одговорен.