Иако банките досега успешно се справуваа со корона-кризата, истражувањето на Европската централна банка, спроведено меѓу 86 банки во еврозоната, покажува дека многу од нив би можеле да се најдат во потешкотии затоа што нема да можат да ги исполнат пропишаните услови за капитал, пишува денеска „Јутарњи лист”.
Во полошо сценарио, доколку БДП на еврозоната падне за 12,6 проценти, стапката на вкупниот капитал на банките ќе се намали за 5,7 проценти, што значи дека некои банки ќе мора да бараат дополнителен капитал за да ги исполнат регулаторните услови.
.„Може да се очекува дека некои помали хрватски банки кои се помалку капитализирани би можеле да се најдат во слична ситуација, но повеќето не би требало да имаат вакви проблеми затоа што стапката на вкупниот капитал на банкарскиот систем е околу 20 проценти, што е над минимално неопходните осум проценти”, посочува весникот.
Резултатите од работењето на банките, објавени во последните неколку недели, покажуваат дека кризата со коронавирусот веќе остави значаен белег на нивните деловни резултати – во првата половина од годината, нивниот профит во голема мерка е преполовен.
Послабите резултати на банките главно се должат на намалените приходи и зголемените резерви за загуби што може да настанат како резултат на неможноста за враќање на кредитите во околности на пандемијата.