Во Будва се одржа првата голема литија на вода за одбрана на храмовите и светите места на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора, како реакција на спорниот Закон за слобода на вероисповед.
Како што пренесува Б92, граѓаните се собрале во близина на Свети Стефан, а на настанот присуствувале и личности од политичкиот живот во земјата.
Литијата, која започнала од Стариот град до Свети Стефан, претходно била запрена од патролен брод на капетанијата, а од учесниците биле побарани документи кои би докажале дека имаат одобрение за организирање на литијата.
Потоа, капитенијата им дозволила на чамците да продолжат да пловат кон Свети Стефан, пренесува „Вијести“.
Додека чамците мирувале, од присутните се слушнале извици – „не ги даваме светилиштата“.
Од чамците се слушало и „Мило крадецу, не ти ги даваме светилишта“.
Спорниот Закон за слобода на вероисповед има за цел да ја регулира сопственоста на имотот на верските заедници, и предвидува сите верски објекти кои претставуваат културно наследство и биле сопственост на Црна Гора пред губењето на нејзината независност во 1918 година, а кои подоцна не станале сопственост на религиозните заедници по соодвети правни процедури, да бидат признаени како државен имот.
Според СПЦ, извесно е дека официјална Подгорица со законот си отвора простор да стави рака врз нејзините светилишта во Црна Гора, меѓу кои и на Острог.