Во овој момент оптимално решение е да се продолжи со онлајн настава. Оптимално решение ако на прво место ја ставиме пандемијата и да го заштитиме здравјето на нашите деца и на повозрасните. Ако тргнеме од тоа, единствено безбедно решение е наставата да се организира онлајн.
Ова во интервју за МИА го нагласи доц. д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, претседателка на Комората на психолози со која говоревме за наставата во екот на пандемијата, за психолошката состојба на децата и родителите во овој период, за недостигот од социјализација, како и за придобивките и загубите од дигитализацијата.
Според Јовановска-Стојановска, примарно е емоционалното и менталното здравје на децата да биде сочувано, односно наставниците да се обучат за да го прилагодат начинот на комуницирање со децата.
Таа посочува дека онлајн наставата има свои предности, бидејќи децата ќе можат од дома, во една сигурна средина да учат и да ја следат наставата. Од друга страна, смета дека ќе има помалку социјализација, децата нема да имаат директен контакт ниту со наставниците, ниту со врсниците да го совладаат подобро материјалот.
– Ќе изгубат, нема да добијат некои работи, но од друга страна ќе го зачуваат здравјето, животот на своите блиски, на луѓето на кои им треба помош, нагласува таа.
Од психолошки апсект, таа информира дека во овој период кај родителите има промени во однесувањето, во начинот на живеење, што довело до тоа да се случат внатрешни промени кај нив, да се појават стравови, да се случат психолошки проблеми во секојдневното функционирање. Во исто време, како што појаснува Јовановска-Стојановска за МИА, родителите требаше да извршуваат една многу важна функција, односно да бидат и воспитувачи, и учители на своите деца, а во исто време да се справуваат со тоа што го носат внатре во себе.
Според нејзе многу е важно што мислиме, како понатаму ќе живееме и какви одлуки ќе донесеме. Ние или децата, вели таа, не сме престанале да се социјализираме, само што кругот на луѓе е многу стеснет.
Здравствените власти најавуваат нов бран на Ковид-19 вирусот наесен, токму кога основците и средношколците треба да почнат со наставата. Кој модел на настава според вас би бил најповолен во овие услови имајќи ја предвид секако и психофизичката благосостојба на учениците?
Прво да почнеме баш од ова последново, од благосостојбата психичка и физичка. Нели за нас примарно е да ја одржиме таа психичка благосостојба – здравјето, менталното, физичко и емоционалното здравје на децата. Маслоу кажал дека ако не ги задоволиме прво тие потреби, тешко ќе оди со сите понатаму. Ние прво треба да им обезбедиме на децата да бидат среќни, да се чувствуваат удобно, безбедно, да се чувствуваат добро, да се здрави физички и потоа да се бараат од нив резултати за исполнување на наставните планови. Тешко е во овој момент да се размислува како тоа да се реализира, а во исто време би требало да одржиме и нешто друго, односно да се бориме со пандемијата која е масивно присутна и кај нас и во целиот свет. Тешко е.
Дали според Вас во моментов е безбедно децата да се вратат во училишните клупи, дури и во некоја комбинирана настава?
Не само според мене, туку и според фактите кои ги даваат и Светската здравствена организација и Министерството за здравство и секаде, сите информации кои ги читаме од релеватни институции, не е безбедно. Не е безбедно поради тоа што тоа ќе биде најлесниот начин како да се шири инфекцијата. Децата ќе ја донесат инфекцијата дома, кај своите постари родители, нели возрасни, ќе ја донесат кај бабите и дедовците, а тоа е може да кажеме, барем тоа е мое мислење, но и од тоа што досега сум слушнала и прочитала, дека тоа ќе биде најголемиот удар по економијата на нашата држава. Затоа што така ќе имаме огромен број на болни, тоа ќе биде удар и на медицината, на здравството, ќе се зголеми бројот на луѓето кои ќе бараат помош, болниците ќе се наполнат, значи одличен начин како сето тоа ќе се усложни уште повеќе е наставата која ќе биде за во затворени простории на децата, па макар да е тоа и 20 минути. Дваесетина минути на 30 деца во една просторија, од кои ќе барате секој да носи маска. Што, нема да седат еден до друг, нема да зборуваат, кога ќе се сврти наставникот тие нема да си шепкаат, да се приближат, да пијат од една вода заедно? Значи тоа е страшно како ќе се реализира. Не е изводливо да ги ограничиш.
Тоа поготово за помалите, да речеме за тие до петто одделение, многу е потешко на нив да им се објасни дека треба да бидат постојано со маска.
Знаете како, нашиот систем на образование е таков да тие веќе им направиле на децата да им е многу тешко. Значи 45 минути да седиш во клупа, да не смееш да се вртиш, да не смееш да стануваш, да не смееш ништо да правиш, да мора да ја гледаш наставничката, па и ние како возрасни сега да не седнат така, седум часа по 45 минути да мораме да гледаме во нечии очи и уста и да не смееме ништо да правиме е неизводливо. А сега со овие дополнителни мерки, јас мислам дека неверојатно ќе биде тоа. Мислам дека ништо нема да може да се спречи.
Според Вашите сознанија како Комора, како целата ситуација со пандемијата досега се одрази на психолошката состојба на децата, тие беа изолирани во домовите, далеку од своите врсници?
Па да, би требало, тоа би било во оваа ситуација идеално, да бидат изолирани, меѓутоа не се. Доста од децата се дружат со други деца, ние сме сведоци дека многу деца се на улица, многу деца се дружат, ги има по плажите, ги има секаде низ земјава. Забележително страшно е дека не носат маски. Тоа е еден огромен минус на родителите, бидејќи во овој момент целиот терет, тоа како децата ќе се однесуваат, што ќе прават и како ќе се штитат себе си паѓа на родителите. Не мислам дека за овие три, четири или пет месеци се случи голем некој губиток кај децата од тоа што беа изолирани или оставани дома. Можеби повеќе кај родителите, затоа што наеднаш им е во огромен дел сменета улогата која тие ја имаат во животот во однос на своите деца, и воопшто во животот. Да, децата ќе си најдат начин како да си поиграат, да си најдат некоја занимација. Прашањето е како ќе биде понатаму затоа што најверојатно оваа криза ќе трае многу подолго отколку ние сите што сакаме и очекуваме и се надеваме. Можеби следните две, три, четири години ќе мора да се функционира на таков некој начин. За тоа треба да размислуваме.
Во однос на тоа што го споменавте за родителите дека нивната улога е многу тешка. Секако пандемијата не ги погоди само децата, тука се и родителите, кои имаат повеќекратни улоги – родител/наставник/вработен…?
Да. За повозрасните може да кажеме дека речиси секој, особено ние, имавме преку телефонските броеви објавени од Комората, волонтери, професионалци кои беа спремни да им помогнат на сите кои се во изолација или карантин или кои се лекуваат. Објавивме исто и за здравствените работници, можеше да се јави кој сака. Овие сознанија што сега ги имаме е дека навистина кај доста луѓе кои се јавија имаме промени во однесувањето, во начинот на живеење, што доведе да се случат внатрешни промени, да се појават стравови, да се случат психолошки проблеми во функционирањето секојдневно. Во исто време родителите требаше да извршуваат една многу важна функција, односно да бидат и воспитувачи, и учители на своите деца, и во исто време да се справуваат со она што го носат внатре во себе. Тоа беше можеби во тој момент, бидејќи никој не беше подготвен за сето ова. Така да и тоа што се случуваше во образованието, што на родителите им дадоа таква голема улога и многу тешка нели, заради тоа што децата ги преполнија со информации, со потреби, да завршат, да направат домашно, да прочитаат, да прават експерименти, да садат семчиња, супер е сето тоа. Но, беше оставено на родителите тоа да го завршат заедно со своите деца. Што на пример, јас мислам дека нема да функционира понатаму ако не се земе во обѕир тоа што досега се случуваше. Прво родителите, никој од нив не ќе може веќе да оди на работа. Денот ќе биде исполнет само со тоа, а и со мешањето на улогите ќе се појават многу конфликти меѓу родителите и децата и збунување кај децата. Бидејќи родителот си има своја улога, на некој што си го сака детето, што си го воспитува, што е тука со него и сега дополнително оваа улога на учител ќе биде мислам многу тешка за да се справат и родителите и децата со тоа.
За децата, поготово за основците, дружбата на училиште е најинтересна. Претпоставувам децата во овој период се постојано на своите телефони или компјутери. Како целата ситуација влијае на социјализацијата на овие деца? Како родителите би можеле тука да помогнат?
Ќе се одрази, нормално нели се прекинува и нивниот нормален живот, секојдневен. Да излезат со другарчињата, да поиграат, да потрчаат. Сето ова досега се случуваше, така да не мислам дека ќе остави некои големи последици. Да, вонредна ситуација, непријатности, и во функционирањето и во неисполнувањето на желбите, еден сосем нов начин на живеење, но не мислам дека тоа ќе остави последици, многу е важно што мислиме, како понатаму ќе живееме во сето ова, какви одлуки ќе донесеме, како родителите ќе ги советуваме, што и како да прават, како тие да ги анимираат децата, ќе мора поголем дел од своето време да го искористат на децата да им овозможат да комуницираат со нив, да играат заедно, да разговараат, заеднички да гледаат телевизија, да играат игри, да одат да шетаат. Ние не сме престанале, или децата да се социјализираат, само што кругот е многу стеснет. Не е повеќе така да може да излезат со секого, туку ќе биде многу стеснет кругот, на многу помалку луѓе ќе бидат концентирани. Мислам дека нема да биде лесно, сите тие промени што ќе се донесат, но земајќи ја во обѕир опасноста која ни се заканува, која е тука секаде околу нас, затоа што сме сведоци на постојано високи бројки кои се појавуваат, но тоа со месеци се по сто и нешто заразени. Јас не знам дали некој ги распоредува, па да биде тоа некоја нормалност на која веќе се навикнавме дека е нормално да има по сто и нешто заразени секој ден. Таа опасност ние треба да ја ставиме на прво место. Кога мислиме што ќе правиме со децата или родителите, или што ќе правиме со училиштето, се што и да правиме треба да биде да се заштитиме од тоа.
Според вас кои се предностите на дигитализацијата, а што реално може да загубат децата со таков начин на школување, со оглед на тоа што голема е веројатноста наставата да продолжи онлајн?
Па да. Во овој момент мислам дека оптимално решение е да се продолжи со онлајн настава. Оптимално решение ако на прво место ја ставиме пандемијата и да се заштитиме, здравјето и животите на нашите деца, на нас повозрасните, на нашите баби и дедовци, на луѓето болни околу нас, на луѓето на кои им треба посебна грижа. Ако тргнеме од тоа, ќе одиме понатаму дека единствено безбедно решение е да биде онлајн настава. Е сега, ако ние очекуваме дека таа онлајн настава ќе биде иста како онаа настава која беше до март месец и дека на ист начин истото треба да го правиме, само сега да е онлајн, нормално дека ќе биде еден тотален неуспех. Наставата и сето тоа ќе треба да се прилагоди на ова ново нешто, на дигитален начин, на онлајн начин да се воспостави таа настава. Начинот на кој учениците ќе учат, на кој родителите ќе им помагаат. Во таа настава исто треба примарно да биде емоционалното, менталното здравје на децата да биде сочувано, односно наставниците, мислам дека Министерството треба да ја земе таа грижа, да ги обучи, за да прилагодат својот начин на комуницирање и зборување со децата. Нормално се има своја предност и своја маана. Онлајн наставата има свои предности, дека децата ќе можат од дома, во една сигурна средина да учат и да ја следат наставата, од друга страна што веќе спомнав, тие помалку ќе се социјализираат, нема да имаат директен контакт ниту со наставниците, ниту со кадарот со кој заедно учат и го совладуваат материјалот. Едно е дека заедно во една просторија кога се учи математика, биологија или што било нема да има физичка култура, нема заедно да трчаат, да играат топка. Но, многу е потребно во оваа ситуација да се прилагодиме на опасноста која ни се заканува, на тоа што се случува околу нас, свесност за тоа, никогаш не смее да ја снемаме таа свесност, кога донесуваме одлуки и ќе мора да се прилагодиме. Да, ќе изгубат, да, нема да добијат некои работи, но од друга страна ќе го зачуваат здравјето, животот на своите блиски, на луѓето на кои им треба помош.