Севиља ги казни грешките на Јунајтед за финале на ЛЕ

Севиља одново докажа дека е неприкосновена во Лигата на Европа и закажа уште едно финале, откако славеше со пресврт против фаворитот Манчестер Јунајтед со 2-1 во Диселдорф, каде се игра завршницата на ЛЕ.

Тренерот на Англичаните, Оле Гунар Солскјер трета година по ред губи во едно полуфинале, откако неговиот тим не искористи безброј шанси да се најде на завршниот меч во Лига Европа.

Уште во деветтата минута беше отворен резултатот кога Бруно Фернандеш беше сигурен егзекутор на пеналот кој беше направен врз Маркус Рашфорд. Подобрата претстава на „ѓаволите“ на стартот освен казнениот удар не вроди со плод.

 

Течеше 28. минута кога Сусо се најде осамен и беше добро проигран од Регуилон, па лесно го матираше Давид Де Хеа за 1-1 и најава интересно продолжение.

Избраниците на Оле Гунар Солскјер тргнаа силно по нова предност, но никако не успеваа да го совладаат Боно. Ентони Марсијал испушти три изгледни можности, кога противничкиот голман му одбрани два зицери, а не погоди ниту Гринвуд.

Казната на спротивната страна можеше да биде евентуалниот пенал за Севиља, но по преглед на снимките во ВАР собата не дојде до такво нешто. Сепак, во 78. минута капитенот на клубот Хесус Навас по една наизглед неопасна ситуација упати прецизна топка до Лук Де Јонг. Холанѓанецот од никаде се најде сам пред Де Хеа и лесно ја затресе мрежата на Јунајтед.

Севиља во финалето ќе игра против победникот од утрешниот натпревар меѓу Шахтјор и Интер.

Треба да знаете
Последни објави