Кевин Де Брујне како главна ѕвезда на Манчестер Сити прв се појави во микс-зоната и даваше интервју пред медиумите, а за негова несреќа, мораше да ја коментира новата лоша ноќ на неговиот тим во Лигата на шампионите. „Граѓаните“ беа апсолутни фаворити во четвртфиналето со Лион, но таквиот статус не го оправдаа на теренот, бидејќи вечерва во Лисабон загубија со 3:1 во меч во кој направија голем број грешки кои се недозволиви за вакво ниво на фудбал.
При првиот погодок на натпреварот, голманот Едерсон непотребно го напушти голот и беше казнет за тоа, а потоа при резултат 2:1 за Лион, Стерлинг го промаши невозможното и ги фрли во очај своите соиграчи. До крајот, Сити прими и трет гол по лошата реакција на неколку играчи во одбраната, а според Де Брујне, ваквите грешки биле кобни за лошата сезона во која тимот го освои само трофејот во Лига Купот.
– Овој тим е одличен, но правиме премногу грешки. Тоа што го правиме цела година, го повторивме и вечерва. Ова беше тешка година, но ни се случи иста работа. Во првото полувреме едноставно не бевме доволно добри. Бевме бавни и не требаше да го дозволиме тоа. Во вториот дел бевме многу подобри, но во вакво натпреварување тоа не е доволно. Ги ставивме под притисок, игравме како што нормално играме и создадовме доволно шанси. Повторно направивме грешки во таа фаза и тоа пресуди. Мораме да учиме од грешките, ова не е доволно добро. Сега е време да си одам дома, ова беше долга сезона. Мојата сопруга треба да се породи во секој час и имам нешто на што треба да се фокусирам во приватниот живот, рече Де Брујне.