Европскиот центар за спречување и контрола на болести го анализираше појавувањето на кластери, односно групи заразени во различни работни средини и утврди дека со најголем ризик од инфекција со новиот коронавирус се вработените во домовите за стари и немоќни лица, а веднаш зад нив се медицинските работници во болниците.
Но, иако лекарите и медицинските сестри се заразуваат помалку од нив, нивната смртност е поголема. Продавниците, од друга страна, се покажале како прилично безбедна работна средина.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести го анализирал појавувањето на т.н. кластери, во овој случај групи од најмалку двајца заразени, во различни работни околности, со цел да ги охрабрат државите да посветат посебно внимание на одредени групи работници и работни услови кои овозможуваат ширење на инфекцијата, пренесува „Хина“.
Анализата го опфаќа периодот од март до јули, а и покрај тоа што се барале податоци од 30 земји на ЕУ, Европската економска зона и Велика Британија, само 17 земји, вклучително и Хрватска, ги доставиле своите бројки – честопати нецелосни или без неопходното прецизирање.
Пријавени биле вкупно 1.377 кластери во работното опкружување, претежно во здравствените и социјалните услуги. Но, ова не е компактна целина: најмногу се погодени вработените во старските домови (591 кластер) и оние во болниците, додека најбезбедни се работниците во примарната здравствена заштита со минимална појава на заболувања.
На второ место по појава и ширење на вирусот се постројките за преработка на храна, како што се кланици, земјоделски бизниси, како оние за овошје и фабрики.
Ширењето на инфекцијата, како што се наведува, е под влијание на малото растојание помеѓу работниците или заедничкото сместување на сезонските работници. Во канцеларискиот простор биле забележани 65 кластери. На дното на скалата се продавниците и образовните институции со 22 кластери, додека баровите и рестораните регистрирале само пет случаи на заразени групи.
Сепак, се додава дека во текот на пролетните месеци работата на секторот образование и на угостителството беше ограничена.
Дури 95% од извештаите за групи пациенти доаѓаат од оние кои биле во затворен простор, што само по себе е проблем затоа што повеќе од 80% од работните места се вршат во затворено.
Забележана е висока зачестеност на болеста кај ниско платените професии, а особено опасно за ширењето на инфекцијата е што многумина поради страв од губење на работните места, продолжуваат да одат на работа со симптоми.