Младите во моментов не веруваат дека институциите се грижат за нив, нуту пак дека работат во насока на остварување на нивните интереси. За ова да се промени најмногу ни недостасува култура и квалитетен пристап со цел можност за конкретно влијание и придонесување во нивните средини, истакна во интервјуто за МИА Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум.
Донесен е Законот за млади, дали е опфатено се што е потребно, дали лесно ќе се имплементира?
Она што е пропишано во Законот за млади е само по себе квалитетно решение, но она што останува е да се види начинот на кој ќе се имплементира. Законот предвидува преодни и завршни одреби во кои се даваат рокови за прилагодување и подготвување на институциите, особено на локалните заедници. Од една страна е важно да се испочитуваат роковите и пропишаното во Законот, но од друга страна, ова не смее да се сведе само на формалност и токму тука треба да се насочи работата на младинските и организациите за млади. На гласно застапување за ефективно вклучување на младите, ова би значело дека во периодот кој доаѓа треба да се запознаат младите со нивните права кои произлегуваат од овој Закон, но и да се изградат капацитети кај институциите за ефикасно имплементирање на законското решение и уште поважно за градење на партнерство со младите.
Во однос на младинската невработеност, дали располагате со некакви податоци околу тоа, дали се спроведуваат доволни мерки за таа да се намали?
Младинската невработеност кај нас е со години висока, ако до пред здравствената криза знаевме дека секој четврти невработен е млад човек, последните официјални резултати велат дека од почетокот на кризата работните места ги загубиле 3000 млади луѓе. Она што уште повеќе загрижува се загубените места на младите кои не се евидентирани како загубени во системот, од причина што биле ангажирани на хонорарни договори кои едноставно поради кризата немало прилика да се продолжат или пак работеле на усни договори во различни сектори. Проблемот со несигурните и недоволните работни места за млади постоеше и пред кризата, па надлежните институции креираа мерки, и ние токму и во таа насока предлагавме унапредување на мерките. Она што во моментов треба да биде во фокус на надлежните институции е пред се креирање на мерки кои ќе ги поддржат младите и во процесот на наоѓање работа, но и во процесите на градење вештини кои ќе ги квалификуваат за нови работни места. Она што дефинитивно треба да продолжи е поддршка и информирање на младите за користење на расположливи мерки и средства за започнување на сопствени бизниси и само-вработување.
Дали сметате дека е доволна помошта што беше одвоена за младите лица кои беа погодени од кризата што се создаде како последица од пандемијата?
Иако се уште нема официјани податоци колку овие мерки навистина им помогнале на младите, јасно е дека оваа помош не беше на долг рок, односно сумите кои им беа доделени како помош на младите беа ниски, наменски и краткотрајни. Можеби од една страна решаваат некои потреби, но од друга страна останува проблемот дека на младите им треба постојан извор на приходи кој ќе им овозможи осамостојување, економска независност и полесно излегување од кризата.
Иселувањето на младите е горлива тема, за која се зборува, но многу малку се презема. Што е потребно за сегашната слика да се промени?
Иселувањето на млади и големите загуби на младински капацитети е нешто со кое се соочуваме години наназад. Иако заминувањето на студии во странство само по себе има позитивни страни од аспект на стекнување на нови искуства и пристапи во сферата која ја студираат младите, проблем е тоа што по завршувањето на студиите незначително мал дел од нив има намера да се врати и да придонесува за развојот на нашата земја. Дополнително, подобрите услови за работа и поголемите плати за иста работа која би ја работеле во нашата земја, се мотив плус за младите да заминат да живеат во друга земја. Истражувањата на МОФ од 2017 година ни покажаа дека културата, респонзивноста на институциите и генерално поддршката која младите ја имаат од општеството се значителен фактор за тие да заминат засекогаш. Имаме многу да работиме со цел младите да се удобни да останат да живеат во нашата земја, особено во сверата на обезбедување на квалитетен и безбеден живот пред се во економска и културна смисла.
Образованието во земјава, според многумина е на многу ниско ниво. Каде ја гледате најголемата вина? Што треба веднаш да се презема во однос на тоа прашање?
Последните податоци од Светска банка а во врска со квалитетот на нашето образование покажуваат дека за 11 години поминати во образование, учениците стекнуваат знаење како за седум години (или во просек секој ученик губи по околу четири години во образование во кои ефективно не стекнуваат знаење). Во периодот на кризата, неможноста да се присуствува на настава и да се работи стандардно со професорите, дополнително го намали квалитетот на образованието но и пристапот до постојана настава. За жал, овој проблем иако целосно се пропишува на наставниот кадар и неговата неподготвеност, всушност недостатокот потекнува од долгогодишната неинвестиција од страна на надлежните институции. Ние и во „нормални” услови имаме лош квалитет и неподготвеност кај кадрите во образовниот процес, а оваа криза само ги истакна недостатоците.
Недостасува инфраструктурна и техничка опременост на училиштата, програми кои ќе ги охрабруваат учениците да размислуваат аналитички и критички, но и да се застапуваат за нештата кои им се потребни во нивните средини – се’ со цел да прераснат во активни граѓани.
Генерално, кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат младите кај нас? Што конкретно веднаш треба да се преземе?
Високо ниво на младинска невработеност, недостаток на квалитетно образование и здрава животна средина се главните проблеми кои би ги издвоила. Секако, остануваат нешта кои се второстепени а се исклучително важни, младински простори, поддршка за личен развој и ефективно вклучување на младите во процесите на носење на одлуки и креирање на политики. Младите во моментов не веруваат дека институциите се грижат за нив, нуту пак дека работат во насока на остварување на нивните интереси. За ова да се промени најмногу ни недостасува култура и квалитетен пристап со цел можност за конкретно влијание и придонесување во нивните средини.
Колку е развиена свеста на младите за климатските промени, зачувувањето на животната средина, дали овие генерации на млади луѓе ќе направат видливи промени во нашето општество?
Позитивен исчекор е што младите во изминатава година беа сериозно организирани по овие прашања, па така на пример во текот на 2019 и 2020 година видовме многу протести за почиста животна средина и квалитетен воздух. Овој проблем е еден од најголемите проблеми за кои младите брзо реагираат и се гласни. Па многу е важно институциите да имаат слух а креираните политики да се во насока на обезбедување квалитетна и здрава животна средина.