Над 200 вработени во Бирото за развој на образованието и директорот си отишле на колективен годишен одмор без да ја изработат програмата за скратен наставен план за основните и средните училишта, на која чекаат илјадници наставници и професори за новата учебна година која, според последниот предлог од Комисијата за заразни болести, ќе биде онлајн за најголем дел од учениците, објави САКАМДАКАЖАМ.МК.
Според САКАМДАКАЖАМ, Министерството за образование и наука таа задача на Бирото за развој на образованието му ја дала уште во април. Но, до денеска Програма за скратен наставен план за сите предмети во основните и во средните училишта, нема.
За разлика од Бирото, работна група во МОН план за скратена онлајн настава што ќе се искористи за предавање на учениците кои ќе ја следат наставата од дома поради пандемијата со коронавирус, изработиле уште пред еден месец. Тој е доставен до министерството.