Долгогодишниот англиски репрезентативец Рио Фердинанд жестоко го нападна Пеп Гвардиола поради тактичките одлуки на стратегот на Манчестер Сити при поразот од Лион. Рио Фердинанд, кој сега работи како стручен аналитичар во телевизијата „БТ Спорт“, потенцираше дека Гвардиола избрал погрешен момент за промена на дефанзивната формација, но и дека згрешил што ги оставил на клупата Давид Силва, Бернардо Силва и Ријад Марез.
„Ако барате виновник, тоа е Пеп Гвардиола. Тој ќе треба да се погледне во огледало и да си признае дека донесе многу погрешни одлуки, како за формацијата така и за изборот на фудбалери. Не разбирам зошто за ваква важна средба се реши да тргне со тројца во линија. Згора на тоа, одбраната беше поставена високо, што беше самоубиство против тим со брзи играчи како што е Лион. Згора на тоа, најкреативните фудбалери почнаа од клупата, а без нив Сити не можеше да наметне темпо“, истакна Фердинанд.
Оваа сезона дефинитивно е огромен чекор наназад за Гвардиола во работата во Манчестер Сити, откако повторно испадна во четвртфиналето од ЛШ, но исто така и ги загуби ланските трофеи во Премиер-лигата и во ФА Купот на Англија.