Екипите на Градскиот инспекторат со поддршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ викендов спроведоа акции на повеќе локации на територијата на општините Чаир и Карпош за контрола на јавните површини, а во врска со непрописното фрлање кабаст отпад.
За време на овие контроли тие затекнаа граѓани кои непрописно одлагаат кабаст отпад, при што се изречени 47 опомени и 9 казни.
Контролите беа спроведени на повеќе локации кои претходно беа посочени како места каде што често непрописно се одлага кабастиот отпад, а за поуспешно реализирање на акцијата, во надзорот беше вклучен и дрон.
Градот Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го одлагаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет.
За потсетување, ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на градот Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“.
Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства.
Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.