„Круната“ ја најде својата принцеза Дијана.
Елизабет Дебики ќе ја игра принцезата на Велс во петтата и шестата сезона на серијата The Crown („Круната“), објави „Нетфликс“ во неделата.
Дебики ќе се приклучи на новата актерска екипа на серијата во која играат Имелда Стантон како кралицата Елизабета, Лесли Менвил како принцезата Маргарет и Џонатан Прајс како принцот Филип.
Ема Корин ја игра Дијана во претстојната четврта сезона на драмата, но Дебики ќе ја преземе оваа улога во најдраматичните поглавја на ликот. Сезоните пет и шест се очекува да бидат последните сезони на серијата.
„Духот на принцезата Дијана, нејзините зборови и нејзините постапки живеат во срцата на многу луѓе ширум светот,“ напиша Дебики на Твитер. „За мене ова е вистинска привилегија и чест да станам дел од оваа маестрална серија, која апсолутно ме освои уште во првата епизода“, додава актерката.
Дебики, 29-годишна австралиска актерка, се смета за sвезда во подем по улогата во трилерот „Вдовици“ во режија на Стив Квин. Таа исто така глуми во претстојниот трилер на Кристофер Нолан „Тенет“. Други нејзини добри улоги се во „Големиот Гетсби“, „Изгорена портокалова ерес“ и „Чувари на Галаксијата дел 2“.
„Круната“ е британска серија во три сезони, со три нови продолженија во најава. Досега, сценариото хронолошки ги обработуваше настаните што го одбележаа владеењето на кралицата Елизабета II во минатиот век.
Од серијата може да се заклучи дека круната претставува неприкосновен авторитет со големи привилегии, но сепак, недостигот на слобода и приватен живот предизвикува фрустрација – темната страна на величествените титули.