Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) денеска номинираше решенија на три компании членки на WITSA Virtual Global ICT Excellence Awards што ќе се одржат во рамки на настанот „Road to WCIT Malaysia” од 18 до 20 ноември 2020 година.
Компанијата „Некстсенсе” е номинирана со своите решенија: eРецепт и StopKorona! & VirusRadar мобилна апликација, компанијата MED -REP Group со решението – затворена СааС платформа за соработка во медицинскиот маркетинг сектор и компанијата Elevate Global со решението – алатка за автоматско предвидување на производство и потрошувачка во енергетската индустрија – БАТ.
МАСИТ, како член на WITSA (World Information Technology and Services Alliance), секоја година има право да номинира решенија, a годинава беа објавени следниве категории за номинација: КОВИД-19 технички решенија за градови и локалитети, КОВИД-19 технички решенија за земји или региони, КОВИД-19 најдобри решенија во индустријата, награда за јавно – приватно партнерство, награда за дигитални иновации, решение за одржлив раст, иновативни решенија во здравството, награда за дигитални иновации, и награда за е-образование и учење.
Повикот за учество во изборот беше отворен за сите компании членки на МАСИТ, но и за ИКТ компаниите кои не се дел од МАСИТ, а право на учество имаат сите ИКТ компании кои ќе номинираат готови сопствени решенија, имплементирани кај крајни корисници во Република Северна Македонија.