Најмасовниот протест против резултатите од претседателските избори во Белорусија се одржа синоќа во Минск. Се одржа и контра-протест. Десетици илјади демонстранти учествуваа на протестот.
Не било видливо присуството на полицијата не улиците, а Ројтерс проценува дека на денот кога Русија се согласила да ја поддржи Белорусија во случај на воена закана од странство, се собрале околу 200.000 луѓе.
Демонстрантите кои веруваат дека претседателските избори на кои повторно победи Лукашенко беа лажирани, извикувале „Напушти ја власта“ и носеле транспаренти, цвеќиња и балони, а приврзаниците на Лукашенко одржале контра-митинг во центарот на Минск.
Лукашенко одржал говор пред мал број негови приврзаници, во кој ги нарекол своите политички противници „стаорци“ и побарал да ја одбранат независноста на Белорусија. Тој посочил дека повторувањето на изборите би значело смрт на Белорусија како држава.
„Раководството на НАТО бара од нас да одржиме нови избори. Ако ја исполниме нивната желба, тоа би било смрт на нашата држава”, истакнал Лукашенко на собирот, додавајќи дека тој нема да дозволи предавање на Белорусија дури и по цена на неговиот живот.
Протести се одржале и во други градови.
Белоруското Министерство за внатрешни работи ги негираше тврдењата дека имало апсења за време на протестите.