Петнаесетото издание на струмичкиот интернационален фестивал за краток филм „Астерфест” ќе се одржи целосно онлајн, од 28 до 31 август, со акцент на филмските содржини.
Организаторите се одлучија за вакво видоизменето издание соочени со препреките што ги наметна пандемијата, но и заради запазување на континуитетот, со план за враќање на концептот со класичните проекции догодина.
Годинашното мото на „Астерфест” е „Движења, патеки”. Селекцијата е составена од 30-тина кратки филмови од разни страни на светот, но и од македонската продукција.
– Во натпреварувачката програма ги имаме добитникот на Оскар, звучни наслови и имиња од Европските филмски награди, БАФТА, Трибека, како и неколку врвни дебитантски дела. Ретроспективната програма опфаќа дел од кратките филмови кои оставиле некаков белег на Фестивалот, а ќе има и три дигитализирани кратки филма од опусот на Бранко Гапо, првиот лауреат на Астерфест во 2006 година, информираат организаторите.
На самиот почеток на Фестивалот ќе има кратко обраќање на познатата шкотска режисерка Мораг Меккинон, а потоа со пригодна видеопорака ќе се обрати и режисерот Пиро Милкани, легенда на балканскиот филм, кој е лауреат на престижната награда „Астер” оваа година, за неговиот монументален филмски опус. Милкани е роден во 1939 година во Корча, студирал на ФАМУ во Прага, а потоа со години работел во Албанија каде снимил голем број играни и десетици документарни и кратки филмови.
Филмската програма на „Астерфест” ќе се емитува од 28 до 31 август онлајн секоја вечер со почеток од 19:30 часот, а филмовите ќе бидат достапни само по една вечер, бесплатно. Пред краткометражните филмски блокови ќе има кратки видеопораки од автори од САД, Мексико, Португалија, Русија, Велика Британија, Аргентина, Бугарија, Романија…
Интернационалното стручно жири, кое ќе одлучува за „Златната”, „Сребрената” и „Бронзената потковица”, е составено од филмологот Марјан Цуцуи, продуцентката Елени Чандриноу и режисерот Горан Радовановиќ.
Сите насоки, упатства и програмски термини за онлајн прикажувањата ќе бидат наведени на веб-страницата www.asterfest.com, како и на Фејсбук страната на „Астерфест”.