Американските власти задржале поранешен вработен во Централната разузнавачка агенција (ЦИА) под сомнение за предавање доверливи информации во полза на Кина, се вели во синоќешното соопштение на американското Министерство за правда.
Како што се наведува, 67- годишниот Александар Јук Чинг Ма, со потекло од Хонгконг, сковал заговор со соучесник, негов роднина, кој исто така работел во ЦИА.
Осомничениот својата служба во ЦИА ја почнал во 1982 година, а во 1989 година живеел и работел во Шангај. Во 2001 година се преселил на Хаваи. Пред да замине на Хаваи, тој и соучесникот предале на кинеските власти доверливи документи за вработените, методите на работа и операциите на ЦИА и за тоа добиле 50 илјади долари. Дел од оваа трансакција кога Ма примал пари, била снимена на видео, се наведува во соопштението.
Во 2004 година тој се вработил во Федералното биро за истраги како преведувач, и шест години испраќал копии од тајни документи на кинеското разузнавање. Минатата пролет, на таен службеник на ФБИ, кој осомничениот го сметал за претставник на кинеското разузнавање, тој му потврдил дека бил шпион. Ма тогаш примил две илјади долари за помошта што ја правел за Кина.
Минатата недела тој повторно примил пари за својата мината активност и изразил подготвеност да продолжи да ја помага владата на Кина, изјавувајќи дека „сакам татковината да успее”. На 14 август бил уапсен од американската полиција.
–Овој сериозен чин на шпионажа е уште еден пример од долгата низа нелегални активности кои Кина ги прави во и против САД, изјави Алан Колер -помладиот, заменик директор за контраразузнавање на ФБИ.