Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети денеска се очекува да постигнат, како што најавија од двете партии „конечен договор за нова Влада“.
Откако утринава дел од медиумите почнаа да објавуваат неофицијални информации за тоа како би изгледал конечниот договор и поделбата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ, од СДСМ за Фокус велат дека се што се објавува пред да го објават конечниот договор се само шпекулации.
Засега пак, не се открива многу, а од партиите не прецизираат ниту дали има договор за прашањето што се сметаше за најгорливо во преговорите за владино мнозинство- кој ќе биде премиер и колку време, дали Заев ќе ја води владата четири години или во дел од мандатот ќе му го отстапи премиерското столче на Насер Зибери кого ДУИ во предизборната кампања го промовираше како прв премиер Албанец.
Дел од медиумите објавуваат дека паднал договор Зоран Заев да биде премиер цел мандат, а ДУИ да ги добие ресорите надворешни работи, финансии и информатичко општество и администрација. Други пишуваат дека ДУИ го добива и МВР.