Наместо вообичаениот период од 21 ден, пациенти инфицирани со коронавирусот остануваат позитивни дури шест недели, тврди за „Слободен печат“ епидемиологот доктор Јованка Сурлакова Коровешовска од Центарот за јавно здравје Охрид.
-Имаме повеќе случаи, кога пациентот е со вирусот пет, шест недели. Сега, споредено со почетокот на пандемијата, пациентите потешко се негативизираат. Кога им се прави контролен брис по неколку недели, тие повторно се позитивни. Се враќаме за недела дена, повторно истиот резултат. Вирусот се одомаќини кај населението. Тоа значи дека вирусот почнал заеднички да живее со организмот на човекот и потребен е подолг временски период за носителот да се избори со него. Порано имавме пациенти со потешка клиничка слика, ама и побрзо се негативизираа. Сега имаме полесна клиничка слика, но подолго времетраење на инфекцијата, вели за „Слободен печат“ епидемилогот Коровешовска.