Првите луѓе на Комитетот за надворешна политика на Претставничкиот дом, конгресмените Мајкл Мекол, републиканец и Елиот Енгел, демократ, го осудија предлогот на рускиот претседател Владимир Путин да укаже воена помош на Белорусија, додека во земјата траат протести против спорните претседателски избори.
-Ние сме солидарни со народот на Белорусија, кој продолжува да го користи своето право на протест и бара формирање на послободна и подемократска земја. Нивните гласови ќе бидат слушнати, изјавија денеска Мекол и Енгел.
-Додека Кремљ се обидува да го поткопа суверенитетот и независноста на уште една европска земја, ние одлучно го осудуваме непромислениот предлог на Владимир Путин да укаже воена помош на режимот на Лукашенко во Белорусија, велат тие.
Законодавците ја повикаа Администрацијата на претседателот Доналд Трамп „и понатаму да ја отфрлува агресијата на Москва и да работи со европските сојузници за поддршка на белорускиот народ”.
По избувнувањето на масовните протести во земјата, Путин и Лукашенко веќе два пати разговараа телефонски, но содржината на тие разговори засега останува тајна. На веб-страницата на рускиот претседател е наведено дека Москва може да укаже асистенција на Минск. Лукашенко од своја страна посочи дека може да замоли помош од Кремљ, вклучително и воена.