Тренерот на подмладокот на ФК Јагодина, С. П. (31), е повреден околу 18.40 часот од удар на гром на помошен терен на градскиот стадион во тој град во Србија.
Во моментот на удар на гром во тек бил тренинг на младите играчи и дваесет деца во две групи биле на терен, објави порталот centralmedia.rs од Јагодина.
Според порталот, нема повредени меѓу децата.
„По громот, почна хистеријата, децата избегаа кај своите родители, а двајца здравствени работници му укажаа прва помош на тренерот, кој лежеше неподвижен на теренот. Мислам дека успеаја да го вратат тренерот од бесвест, а потоа дојде и брзата помош“, изјавиле родителите на децата за порталот.
По укажаната прва помош, тешко повредениот тренер е пренесен во Општата болница во Јагодина, а според шефот на Службата за итни случаи при Општата болница, Владимир Недељковиќ, лекарите се борат за неговиот живот.
„Пациентот е на апарат за дишење, правиме сè што можеме“, рече Недељковиќ.