Шведската стратегија за борба против ширењето на коронавирусот наиде на нови критики откако се откриени имејлови на главниот епидемиолог Андрес Тегнел, во кои тој прашува дали поголемата смртност кај постарите лица е прифатлива ако тоа би довело до побрзо стекнување имунитет на стадото.
Шпекулациите за ставовите на водечките шведски експерти за јавно здравје дополнително се интензивираа откако е утврдено дека Тегнел, архитектот на стратегијата за борбата со коронавирус, избришал некои од своите пораки на е-пошта.
Дневниот весник „Афтонбладет“ пишува дека Тегнел избришал неколку пораки на е-пошта во периодот од јануари до април. Тегнел во тој период испратил повеќе од 200 пораки на е-пошта. Весникот тврди дека во избришаните пораки се наоѓале делови од неговите разговори со вработените во владата и здравствени експерти. Но не е јасно кога се избришани тие.
„Бришам многу пораки на е-пошта кои не ги сметам за доволно релевантни за да ги сочувам“, рекол Тегнел.
Тегнел повеќепати има кажано дека владината цел не е брзо развивање на имунитет на стадото, туку забавување на ширењето на вирусот за здравствениот систем да може ефикасно да се справи со епидемијата, пишува „Гардијан“.
Но, пораките на е-пошта до кои дошле шведски новинари со помош на Законот за право на пристап до информации покажуваат дека Тегнел за имунитетот на стадото како цел зборувал уште на средината на март, неколку дена откако СЗО прогласи пандемија.
Во еден разговор Тегнел на своите колеги им проследил порака на е-пошта од пензиониран лекар, кој предлага дека може против епидемијата да се бори така што на здравите луѓе ќе им се дозволи намерно да се заразат со вирусот во контролирани услови.
„Училиштата треба да останат отворени за побрзо да се стекне имунитет на стадото“, коментирал Тегнел.
Финскиот модел сугерираше дека затворањето на училиштата би можело да го забави ширењето на вирусот меѓу постарата популација за околу 10 проценти. На тоа Тегнел одговорил: „Ќе се исплати ли за 10 проценти?“.
Тенгел во повеќе наврати тврдеше дека децата обично имаат поблаги симптоми на вирусот и дека не го шират во голема мера. Тој негираше дека властите решиле да ги остават училиштата отворени за да го постигнат имунитетот на стадото.