Ќе има проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер
Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети кои попладнево ја објавија старо-новата коалиција се согласиле за неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа и за проверка на потеклото на парите на функционерите.
Без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики. Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите, рече Заев.
И Ахмети рече дека едно од приоритетните прашања за оваа коалиција се реформите во судството.
– Ако се забарикадираме сите во своите позиции никогаш нема да успееме да пронајдеме решение за доброто на граѓаните. Барикадирањето и минатото треба да остане зад нас. Сметам дека целта е постигната за да се испрати порака до граѓаните на Република Северна Македонија, дека сме еден чекор напред во довербата помеѓу нашите заедници, рече Ахмети.
Деведесет и осум отсто од носителите на функции во ДУИ се нови лица, а само јас и Талат Џафери сме од од стариот пратенички состав, рече Ахмети одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата за корупција на кадрите на ДУИ.