Во првата половина од 2020 година, во Шведска, која не воведе рестриктивни мерки за сузбивање на коронавирусот, забележана е најголема смртност во последните 150 години, соопшти Заводот за статистика на земјата.
Од Ковид-19 до крајот на јуни умреле 4.500 луѓе, многу поголем процент отколку во другите нордиски земји, а тој број сега се зголемил на 5.800. Во Норвешка, која има двојно помалку жители, од коронавирус починале околу 260 луѓе.
Вкупно, во периодот од јануари до јуни починале 51.405 Швеѓани, што е најмногу од 1869 година кога починале 55.431 граѓанин, некои од глад.
Шведска тогаш имала 4,1 милиони луѓе, сега има 10,3 милиони.
Тоа значи дека од Ковид-19 починале 10 проценти повеќе луѓе отколку што починале во просек во последните пет години, наведува Заводот за статистика.
Во април бројот на починати бил речиси 40 проценти поголем поради скокот на бројот на смртни случаи од Ковид-19.
Шведска имаше поинаков пристап кон пандемијата од повеќето европски земји, не воведе карантин, а училиштата и економијата главно работеа.