Министерските ресори се поделени, а персоналните решенија веќе договорени. Ќе бидат соопштени дури на крајот од денот, кога ќе ги поминат филтрите на партиските органи. Во новата Влада, со која 4 години минус 100 дена ќе раководи мандатарот Зоран Заев, ќе има министри од СДСМ, БЕСА и ДУИ, додека коалициските партнери може да сметаат на другите ешалони.
Оливер Спасовски од технички премиер ќе се врати во Министерството за внатрешни работи, а Венко Филипче ќе остане министер за здравство. Со Секретаријатот за европски прашања ќе раководи Никола Димитров а Радмила Шеќеринска ќе го задржи ресорот одбрана. Култура, што по долго време се враќа во СДСМ, ја презема Ирена Стефовска. Мила Царовска ќе биде министерка за образование а со нејзиниот претходен ресор, труд и социјална политика, ќе раководи Јагода Шахпаска, додека нов министер за правда ќе биде Бојан Маричиќ. Благој Бочварски ќе раководи со транспорт и врски а Горан Милевски го задржува министерството за локална самоуправа. Фатмир Битиќи ќе биде новиот вицепремиер за економија.
Кај ДУИ, договорени се речиси сите министерски позиции. Артан Груби ќе раководи со новото Министерство за политички систем и ќе биде прв вицепремиер, како што потврди за Телма. Бујар Османи, со богато министерско искуство во здравство и во евроинтеграции, ќе биде министер за надворешни работи. Фатмир Бесими, кој исто така има министерско искуство во ресорите евроинтеграции, економија и одбрана, сега ќе го преземе ресорот финансии. Во животна средина останува Насер Нуредини, а во економија Кресник Бектеши. Во ДУИ се уште се разговара дали министерството за информатичко општество ќе и биде доверено на Ширет Елези или на друг партиски кадар.