Судан планира да потпише мировен договор со Израел

Властите во Судан најавија дека се заинтересирани за потпишување мировен договор со Израел во текот на следните шест месеци, потег што го поздрави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Судан, Хајдар Бадави Садик, изјави за суданското издание на „Скај њуз Арабија“ дека очекува мировен договор со Израел и додаде дека тој може да биде потпишан пред Нова година или веднаш по неа.

„Нема никаква причина непријателството да продолжи. Ние не го негираме постоењето контакт меѓу двете земји. И Судан и Израел ќе имаат корист од таквиот договор ако биде потпишан“, рече Садик и го поздрави договорот на ОАЕ и Израел како храбар.

Нетанјаху ги повтори овие ставови, велејќи: „Израел, Судан и целиот регион ќе имаат корист од мировниот договор и заедно ќе можат да изградат подобра иднина за сите народи во регионот.  Ќе сториме се што е потребно за оваа визија да се претвори во реалност “.

Веста доаѓа откако минатиот четврток беше објавен договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, потпишан со посредство на САД.

Министерот за надворешни работи на Израел, Габи Ашкенази, рече дека коментарите на Судан означуваат фундаментална промена што се случува деновиве на Блискиот Исток, а особено во Судан, точно 53 години по конференцијата во Картум на која Судан се спротивстави на признавањето и мировниот договор со Израел.

„Го поздравувам секој чекор што промовира нормализација, мир, договори и признавање меѓу земјите“, рече Ашкенази, додавајќи дека израелските дипломати ќе работат на изготвување мировен договор што ги почитува интересите на обете страни.

Високата палестинска функционерка Ханан Ашрави жестоко го критикуваше Судан поради одлуката за мировен договор.

„Каде е живиот револуционерен народ во Судан?“, рече таа.

Во февруари, Нетанјаху тајно се сретна со лидерот на суданската преодна влада, генералот Абдел Фатах ал-Бурхан. Нетанјаху во тоа време рече дека двете земји разговараат за брза нормализација на односите.

ОАЕ се третата арапска земја која има воспоставено дипломатски врски со еврејската држава по Египет и Јордан. Повеќето од државите од арапскиот и муслиманскиот свет не го признаваат постоењето на Израел.

Треба да знаете
Последни објави