„Не за повратниците од Хрватска!“ (Nicht für Kroatien-Rückkehrer) е напишано на табла поставена пред ресторан во Грац, Австрија.
Сопственикот на ресторанот вели оти сакал да се заштити од коронавирусот што евентуално може да го пренесат повратниците од Хрватска во Австрија.
Сепак, тој предизвика гнев и огорченост и од Хрватите и од самите Австријци, кои пишуваат коментари на социјалните мрежи и ја осудуваат оваа акција.
„Го направив тоа од грижа за моите редовни гости. Јас немам ништо против оние што се враќаат од Хрватска, воопшто не, но не сакам да го ризикувам здравјето на моите гости“, изјави сопственикот на ресторанот, Франц Ерарт, за австрискиот портал oe24.at.
Тој посочи дека ја поддржува австриската влада и дека е добар човек.
Австрискиот портал Oe24.at пишува дека според податоците на Министерството за здравство во Австрија, во моментов има 2.230 активни случаи на коронавирус. Приближно една третина од новозаразените им се припишуваат на повратниците од летните одмори, претежно од Хрватска.
На крајот на минатата недела, во Хрватска престојувале околу 3.000 австриски туристи.