УЕФА најави старт на Лигата на нации без присуство на гледачи

Септемврискиот старт на второто издание на фудбалската Лига на нации ќе биде без присуство на гледачи на трибините. Македонија која избори ранг погоре и полуфинале во завршницата од првото издание во ЛН, ќе ја почне новата сезона со Ерменија пред празни трибини. Вака одлучила УЕФА денеска на новиот видео-конференциски состанок со генералните секретари на 55. членки.

Како што објавија од Нион, УЕФА на сите федерации им посочила дека е прерано да се пуштат навивачите на трибини и дека овие воведни мечеви од Лигата на нации ќе мора да се организираат под најголеми безбедносно-здравствени мерки. Токму овие мечеви ќе бидат тест за понатамошното оворање на вратите за гледачите.

Од УЕФА најавиле дека европскиот Суперкуп на 24 септември во Будимпешта ќе биде главниот тест и пилот-меч за отворање на трибините за одреден број на гледачи.

На видео-состанокот е разговарано и за проблемите со карантинот, што одредени земји го бараат за луѓе што патуваат во региони кои не се во „зелена зона“. Сето ова е проблематично и за репрезентативците, кои ќе мора да дојдат во своите земји за мечевите со репрезентацијата, а ќе се соочат со проблеми на враќање кај своите матични клубови.

УЕФА им предочила на федерациите да разговараат со државните и здравствени власти за фудбалерите да бидат исклучок за задолжителни карантини поради тоа што тие редовно ќе бидат тестирани според протоколите на УЕФА и нема да бидат ризик и опасност кога ќе се вратат после настапите за своите селекции. На крај од УЕФА посочиле дека може секоја земја да побара да игра на неутраен терен, ако условите и мерките што ги преземале властите не овозможуваат нормално одигрување на мечот.

УЕФА најави дека во следните денови ќе донесе комплетни одлуки на Извршниот комитет околу сите овие работи за кои се разговарало.

Треба да знаете
Последни објави