Д-р Андоновски: Горд сум и воедно благодарен на своите колеги за досегашниот ангажман во борбата против Корона вирусот

Институтот за белодробни заболувања Козле, како и сите здравствени установи исправени пред предизвикот наречен Ковид -19, беше реорганизирана со цел да го амортизира ударот на „новото нормално“.  Капацитетите на детската болница обезбедува непречен прием, дијагностицирање и распределба на понатамошно лекување на малите пациенти со пулмонални проблеми, како и оние суспектни на Ковид-19.  За функционирањето на Детската болница во вакви вонредни услови зборуваме со директорот д-р Ангелчо Андоновски.

 Каква е моменталната ситуација во Институтот за белодробни заболувања Козле?

 Во моментот во Ковид центарот се хоспитализирани 17 возрасни лица позитивни на вирусот. Тука престојуваат 9 деца и 7 мајки. Од децата 8 се позитивни, а едно е негативно. Од мајките, 2 се позитивни 5 се негативни, а на 2 деца ќе им биде земено брис за прв контролен тест.  Лекувањето на останатите пациенти тече непречено и во најдобар ред. Детската болница располага со навистина квалитетен кадар, со одлична флексибилност и подготвеност. Навистина сум горд и воедно благодарен на своите колеги за досегашниот ангажман во борбата против Корона вирусот.

Светската јавност очекува и најавува т.н. „втор бран“ на Ковид – 19. Дали сметате дека Институтот е подготвен и има капацитет да се справи доколку дојде до тоа?

 Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле од самиот старт на пандемијата работи според сите препораки од СЗО и Министерството за здравство. По појавувањето на првиот позитивен случај во кај нас, Детската болница Козле направи посебна реорганизација и со првите протоколи за Ковид 19 стартуваше со тој начин на работа и функционира постојано. Исто така, со одлука на здравствените власти, Институтот беше избран како втор Ковид центар, покрај ГОБ „8ми Септември“. Ова многу зборува за нашата организираност и подготвеност. Во нашата болница имаме одлични интернистички и инфективни тимови, на располагање се 70 легла и, се разбира, најсовремена опрема, респиратори. Сметам дека како и досега така и понатаму успешно ќе се справуваме со ситуацијата.

До сега искуството на светско ниво покажа дека децата позитивни на Ковид-19 не појавуваат сериозни симптоми и тегоби. Дали ова значи дека децата се на некој начин ‘безбедни’?

Она што досега е достапно како податоци и заклучоци е дека децата кои немаат друга имуно компромитирачка состојба, заразени со Ковид-19 немаат тешка клиничка слика. Но, тоа не значи дека истите не можат да го пренесат вирусот. Најчесто најмладите се во близок контакт со своите баби и дедовци или други членови на семејството кои спаѓаат во ризична група. Ова може да придонесе за дополнително ширење на вирусот, како и несакано изложување на голем ризик на своите најблиски. Сакам да  препорачам и воедно да ја нагласам потребата од избегнување на блиски контакти на вашето дете со други деца, зголемена хигиена на рацете како и почитување на сите безбедносни мерки и протоколи со цел најмногу што можеме да ја намалиме шансата за инфекција.

Во медиумите кај нас видовме и вести дека младите се исмевани од своите врсници за почитување на мерките и носењето на лична заштитна опрема. Како вие го оценувате ова?

Децата најчесто го прават тоа што го гледаат од своите родители или своите врсници, односно најчесто се „жртви“ на своето или туѓо домашно воспитување. Можам да кажам дека сум крајно разочаран од овој тренд и дека мора да ја сфатиме пандемијата сериозно. Корона вирусот постои, децата не се имуни на него и тие можат да одиграат голема улога во понатамошниот тек на настаните. Како член на Комисијата за заразни болести директно вклучен во изготвување на здравствените протоколи за училиштата можам да нагласам дека носењето маска и сите останати препораки мора да се почитуваат ако сакаме да го држиме вирусот под контрола. Вирусот наесен нема да исчезне, ние мора да продолжиме да живееме со него, но тоа не значи да живееме како што сме живееле до сега. Мора сите да се прилагодиме на новонастанатата ситуација и „новото нормално“.

Во изминатиот период Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле доби донации од бројни наши и странски компании. Последната донација беше и од компанијата “Жито Лукс“, може ли да ни кажете нешто повеќе во врска со донациите од општествено одговорните компании, наменети за вашата установа?

Деновиве добивме донација од Жито Лукс во леб, брашно и колачи, за потребите на Болницата. Жито Лукс е пријател и партнер на нашата установа што искрено се грижи, помага и ја дава својата поддршка за нашите напори да понудиме врвна здравствена нега и услуга. Компанијата во повеќе пати има реализирано донации за Институтот, од медицински апарати, инвентар за опремување и подобрување на болничките услови како и производи. Ова е доказ за посветеноста на оваа компанија кон подобрување на условите во јавните здравствени установи, за пациентите и за вработените.

Донациите од општествено одговорните компании се од огромна важност за јавните здравствени установи. Преку нив компаниите на некој начин директно им враќаат на своите потрошувачи за укажаната доверба. Се надевам дека оваа донација покрај тоа што претставува значајна поддршка за нашата установата ќе помогне и за зголемување на свесноста и одговорноста на бизнис секторот кон сите јавни здравствени установи.

 

 

Треба да знаете
Последни објави