Рекордните поплави ја загрозуваат статуата на Буда во Сечуан

Поплавите на горните текови на кинеската река Јангце ги принудија властите да евакуираат повеќе од 100.000 луѓе и го загрозија споменичкото наследство старо 1.200 години.

Службите за итни случаи, полицијата и волонтерите се обидуваат со вреќи со песок да ја заштитат статуата на Буда висока 71 метар во Лешан, споменичко наследство заштитено од УНЕСКО во југозападната провинција Сечуан, затоа што матната река нараснала над неговите прсти за прв пат од 1949 година, објави државната телевизија ЦЦТВ.

Сечуан, низ кој тече реката Јангце, се соочува со најголеми поплави во последните неколку децении.

Канцеларијата за водни ресурси на реката Јангце, владино тело што ја следи реката, издаде црвен аларм затоа што во некои делови, нивото на водата се очекува да биде за пет метри повисоко од вообичаеното.

Проектот Три клисури, огромна хидроцентрала дизајнирана делумно да ја скроти Јангце, очекува нивото на водата да расте 74.000 кубни метри во секунда, најмногу откога е изградена, соопшти Министерството за водни ресурси.

Хидроцентралата мораше да ослободи повеќе вода во вторникот за да го „намали притисокот од поплавите“, соопшти Министерството.

Треба да знаете
Последни објави