Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека постои и опција Државниот градежен инспекторат да преземе активности и ингеренции за отстранување на дивоградбата кај ТЦ„ Мавровка“.
Според Шилегов, Градот Скопје како институција веќе го има повлечено институционалниот потег со тоа што го обелодени проблемот, сега е на општина Чаир да најде решение за дивоградбата.
Од Општината распишаа и трет, по неуспешните два тендери на кои не се јави фирма која ќе ја урне дивоградбата.
-Јас на неколку наврати кажав дека Градот го обелодени и го институционализираше проблемот со дивоградбата на Мавровка. Останува на Општина Чаир да изнајде начин и модалитет за рушење на дивоградбата а зошто да не на крајот на денот и Државниот градежен инспекторат да преземе определени активности и ингеренции со кои би дошло до отстранување на тој објект, рече Шилегов.
Единственото најдобро решение, според Шилегов е градежните инспекторати од општините да се префрлат на Градот, со што Градот Скопје би ги инспекторирал евентуално недозволените градби.